| Новости |Софија Семенпеева-Трајановска, „Ефектива“: Нашите соработници се радуваат на идеите и на жарта што ја внесуваме во секој проект

Софија Семенпеева-Трајановска, „Ефектива“: Нашите соработници се радуваат на идеите и на жарта што ја внесуваме во секој проект

Се трудиме да креираме општествено одговорни активности кои нема да бидат само еднократна донација, туку нешто што ќе има долготраен ефект и ќе придонесе да го промениме нашето општество на подобро, вели Семенпеева-Трајановска

Уметноста ги буди и најинтимните чувства, создава нови светови, нови хоризонти, нов поглед кон нештата што во моментот е нужност за многу луѓе да можат да се оттргнат од канџите на стресот и притисокот на новото време. Уметноста и љубовта се едно исто… Какво е тоа општество без уметност? Таа е душата на еден народ. Единствено уметноста ја има моќта да нè смири, да ни понуди прибежиште од трката на модерното живеење, вели Софија Семенпеева-Трајановска, директорка на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“ од Скопје. Токму пред десет години група ентузијасти решија да ги спојат комуницирањето и маркетингот со убавото, со уметноста. „Среќна сум што нашите партнери го препознаваат тоа и имам верба дека убавината ќе го спаси светот“, вели Семенпеева-Трајановска. Неуморлива ентузијастка и оптимистка, секогаш подготвена да влезе во нова успешна приказна, со неа разговараме за бројните предизвици да се опстане на пазарот, да се внесе уметност и хуманост кога најмалку се очекува.

Во Вашата работа, преку Фрида.мк, фестивалот „Литера“ и други проекти, ги спојувате уметноста, креативноста, хуманата димензија. Допира ли Вашиот глас до општеството?

– Јас ги нарекувам мали чекори со големо значење. Сè што работиме, го правиме со искрена емоција, знаење и многу упорност, но навистина сме среќни што имаме постојана публика и компании кои со години соработуваат со нас и заедно растеме и се развиваме. Совршенство не постои, но се трудиме да се потпреме на нашиот креативен потенцијал, професионалноста и упорноста. Низ годините имав среќа да соработувам со многу мудри и паметни луѓе и сфатив дека тие навистина многу ме инспирирале и придонеле постојано да се развиваме и јас и мојот тим. Нашите соработници заедно со нас се радуваат на идеите, креативноста, визијата… не ни ги бројат грешките, зашто се свесни за жарта со која работиме.

Една од уникатните особини, која нашите соработници особено ја ценат, е содржано во прашањето. Од нашите проекти секогаш извира уметност, креативност и хуманост. Токму тоа е личниот печат на „Ефектива“ и тоа е нешто што никогаш нема да се промени. Искрено, воопшто не е лесно да „продадете“ уметност во време на консумеризам и инстант вредности, но тоа не значи дека треба да се откажеме. Напротив, среќна сум што забележувам дека со секој нов проект сè повеќе го привлекуваме вниманието на јавноста и верувам дека придонесуваме во создавањето културни вредности во нашето општество. Годинава нашата компанија слави 10 години јубилеј и најголема радост ми претставува фактот што брендот „Ефектива“ е препознатлив во уметничката и креативна нишка на она што го работиме.

Се чини дека уметноста сега ни треба повеќе од кога било. Каков предизвик е да се извлече убавина во овие времиња на преживување? 

– Основата на сè што правиме е креативноста, тоа е нешто што го движи, возбудува и мотивира целиот наш тим. Без разлика на која позиција работи некој, сите ние секојдневно го вежбаме нашиот креативен ум и тоа се чувствува, а луѓето на крајот не гледаат што зборувате, туку што правите. Во ова време-невреме најважна од сè е упорноста и да има на кого да се потпрете. Често велам дека не сме најпаметни ниту совршени, но многу е важно да сакаш да научиш и да си упорен. Понекогаш сум критикувана за упорноста, но успех без верба и упорност не постои. Да се вратам на суштината на прашањето за уметноста. Таа ги буди и најинтимните чувства, создава нови светови, нови хоризонти, нов поглед кон нештата што во моментот е нужност за многу луѓе да можат да се оттргнат од канџите на стресот и притисокот на новото време. Уметноста и љубовта се едно исто… Какво е тоа општество без уметност? Уметноста е душата на еден народ. Се согласувам дека сега ни е навистина потребна, бидејќи единствено уметноста ја има моќта да нè смири, да ни понуди прибежиште од трката на модерното живеење. Всушност токму така одлучивме да ги споиме комуницирањето и маркетингот со убавото, со уметноста. Среќна сум што нашите партнери го препознаваат тоа и имам верба дека „убавината ќе го спаси светот“.

 

Тимот на „Ефектива“ заедно со актерите од „Златен Елец“ на настанот „Планетата Ѕвездалија“

Има ли бизнис-секторот кај нас чувство за хуманост, да поздрави позитивни примери, како што се вашите проекти, во кои речиси секогаш имаат хумана димензија?

– Многу е важно што оставаме зад себе во ова општество. Многу од нашите проекти имаат социјален и хуман импакт. Тоа е наша одговорност, да се бориме за доброто на сите. Да создаваме здрави и креативни идни генерации. Да создаваме храбри и креативни млади луѓе. Тврдам дека има голем број компании кои се максимално посветени на она што се нарекува хумана и социјална димензија во бизнисот, но она што често недостига е тие активности да бидат сеопфатни и добро испланирани и реализирани. Затоа ние се трудиме да креираме општествено одговорни активности кои нема да бидат само еднократна донација, туку нешто што ќе има долготраен ефект и ќе придонесе да го промениме нашето општество на подобро. Најдобар доказ за тоа е ликот на слончето Халки преку кого во измината година заедно со тимот на „Халкбанк“ креиравме прекрасни и мотивирачки приказни кои поттикнаа голем број деца и родители да направат нешто различно од она што претставува нивно секојдневие.

Кои се најголемите предизвици пред кои „Ефектива“ е исправена годинава, кога е и 10-от јубилеј?

– Десетката ја доживувам многу емотивно, некако брзо ми помина цела една декада. Најголема гордост за мене е тимскиот дух што ја краси „Ефектива“. Имам колеги со кои сме заедно од првиот ден и делиме и успеси и предизвици. Затоа е важно да има на кого да се потпреме и важно е во тимот да имате упорни луѓе, кои вложуваат многу труд и знаење, луѓе кои едноставно не се штедат и даваат сè од себе за нештата да успеат. Не сакам да работам со луѓе кои се мрзеливи, кои калкулираат, кои ти го мерат секој збор… Постојат талентирани луѓе со нула упорност и труд и со тие ми е тешко да работам, a постојат и оние со 10 отсто талент и многу упорност и тие ќе успеат.

Изминативе две години не ѝ се предадовме на пандемијата. Напротив, токму 2021 ни беше една од најуспешните години, пред сè, во смисла на бројот и големината на проектите што ги реализиравме заедно со нашите партнери и пријатели. За годинава зацртавме многу предизвици. Најавуваме едно многу големо и значајно име од светски размери со кое заедно ќе отвориме нова страница во делот на визуелната едукација. Се разбира, еден од нашите најдраги проекти е Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“, кој го организираме заедно со десетина врвни професионалци во различни области. За годинава планираме богато фестивалско издание со многу интересни содржини за сите целни групи за кои е наменет.

Главниот предизвик за 2022 година е да успееме да ја реализираме нашата визија брендот „Ефектива“ да стане присутен и надвор од нашата држава односно во дел од земјите од регионот. Има неколку интересни можности за ова на кои активно ќе работиме. Вербата и упорноста се мои „луди“ карактерни особини и додека ми пласираат милион причини да се откажам, мене секогаш ми е доволна макар и една за да успеам. Мојот тим многу добро го знае тоа.

Колку меѓу маркетингот, барањето решенија за визуелен идентитет на вашите клиенти, креирањето стратегии наоѓате време за Вашето ликовно творештво?

– Ова прашање ме допре онаму каде што најмногу боли. Многу, многу ми недостига времето поминато во моето ателје, сама со себе да творам без да погледнам колку е часот. Гладна сум за слободно време во ателје. Уметноста едноставно е мојот живот, мојот спокој. Многу често знам да се пошегувам за „времето кога бев уметник“, но таа шега не ми е баш смешна. Јас сум секојдневно опкружена со уметност, гледам, читам, следам, бидејќи и визуелната комуникација е уметност. Но, поривот за творење на бел лист хартија е секогаш тука. Тоа е една од моите лични мисии годинава – време за себе и за творештво. Верувам дека ќе успеам да ја реализирам.