„Ефектива“ одбележува 10 години – кога уметноста и бизнисот стануваат едно
Агенцијата во своето портфолио има повеќе од 400 дизајни на амбалажи за домашни и странски производи, чиј квалитет е потврден и со меѓународни признанија
Пред десет години, на денешен ден, неколку енергични ентузијасти ја започнаа приказната на маркетинг агенцијата „Ефектива“, приказна исполнета со многу креативни авантури и позитивна енергија. „Ефектива“ иницираше интересен концепт на работа, започнувајќи како центар за визуелна комуникација односно маркетинг базиран на визуелното и на уметноста. Од почетните предлог-решенија за дизајн на пакување, книги, постери и други изданија, „Ефектива“ низ годините прерасна во сериозна маркетинг агенција со силен авторски печат и низа реализирани интегрирани кампањи за своите партнери.
– Низ оваа декада растевме заедно со желбите и довербата на нашите партнери. Тие се и наши пријатели, со кои низ годините взаемно си помагавме и покажувавме трпение во најкритичните моменти. Пандемијата ни донесе нови силни и храбри клиенти со кои пркосевме и мудро се боревме во навистина специфични пазарни услови. Квалитет и градењето на долготрајни врски со потрошувачите е клучот на нашиот успех. Веруваме во секоја приказна која ја раскажуваме, бидејќи секојдневно живееме и растеме заедно со нив. Тоа ни дава за право да кажеме дека градењето од срце и со искрена креативна енергија е вистинскиот избор – вели Софија Семенпеева, основач на „Ефектива“.
Во овие десет години „Ефектива“ мина низ многу креативни предизвици – ребрендирање на домашни компании, стратегии за пласман и комуникација, изработка на креативен идентитет на настани од областа на културата, вклученост во повеќе општествено-одговорни проекти. Агенцијата во своето портфолио има повеќе од 400 дизајни на амбалажи за домашни и странски производи, чиј квалитет е потврден и со меѓународни признанија. Сепак, за свој најдраг успех на кој се особено горди е градењето нови брендови за свои потреби, но и за потребите на нивните партнери и соработници.
– Во ова време на технологија, која од ден на ден се развива со брзина на светлината, најважно е брендовите да се фокусираат на наративната и визуелна приказна. Токму приказната го гради мостот помеѓу два ентитета – брендот и корисниците со нивниот начин на размислување и нивниот животен стил. Денес компаниите не може да развиваат производи, брендови и комуникација автономно и независно од потрошувачите, туку мора да создаваат вредност на брендот заедно со нив и да ги вклучат во она што го прават. Затоа постојано бараме начини да ги вклучиме потрошувачите во интеракција со брендот, и во онлајн и во офлајн светот. Тие мора да знаат и да почувствуваат дека се вклучени и поврзани со брендот и дека придонесуваат за неговиот развој – објаснува Семенпеева.
Основата на дејствувањето на „Ефектива“ ја чинат два клучни столба – уметноста и хуманоста. Во многу од своите проекти агенцијата внесува силен социјален импакт. Најдобар пример за ова е уникатната е-галерија Фрида.мк која служи како онлајн платформа за продажба на дела исклучиво од македонски уметници, додека дел од средствата од продажбата се наменети за социјално ранливите категории. „Ефектива“ е препознатлива по авторските проекти како Меѓународниот фестивал за илустрација и литература за деца „Литера“, кој пред три години ја организираше големата ретроспективна изложба на илустрации на Димитар Кондовски и поттикна ново поимање на илустрацијата на нашите простори. Лани, ново светло беше фрлено и врз творештвото на Младен Туниќ, а годинава „Ефектива“ ќе ја отвори „Литера“ со ретроспектива на импресивниот опус на еден од најголемите илустратори и автори во регионот и Европа – Свјетлан Јунаковиќ.
Во јубилејната година „Ефектива“ најавува бројни настани, промоции и предавања за значењето на уметноста, литературата и илустрацијата, како основа за една силна и здрава култура со изграден визуелен идентитет.